Софтвер

Почина човекот кој ги измисли copy и paste

20. февруари 2020 - 10:50 | Б.С.Б.

Лари Теслер, ИТ експерт кој ги осмисли опциите cut, copy и paste на нашите компјутери, почина на 17 февруари, на 74-годишна возраст. Покрај споменатите опции, ги креираше и find и replace опциите, како и многу други дигитални алатки кои секојдневно ги користиме, пренесува BBC.

Роден е во Бронкс, Њујорк во 1945 година. Студирал информатика на Универзитетот Стенфорд во Калифорнија. Во текот на кариерата се залагал за развивање програми кои се однесуваат на човечката интеракција со компјутерот. Има работено за Amazon, Apple, Yahoo и Xerox Palo Alto Research Center.

Компанијата Xerox преку Twitter се збогува од творецот на опциите кои денес ги користат милиони луѓе низ светот.

„Вашето секојдневие на работа е олеснето благодарение на неговите револуционерни идеи. Лари почина во понеделникот, придружете ни се во славењето на неговиот живот“, стои во објавата.

Идејата за cut и paste Теслер најверојатно ја пронашол инспириран од старата метода со кои луѓето буквално го сечеле делот од хартијата со напишан текст и го лепеле таму каде што е потребно. Овие алатки станаа дел од софтверот на Apple во 1983 година.