Свет
ЕПИЦЕНТАРОТ НА ЕПИДЕМИЈАТА СО COVID-19

По еден месец во карантин, здравите жители на Вухан смеат да излезат од градот

24. февруари 2020 - 9:51 | А.С.

За некои среќни граѓани на Вухан голготата е завршена.

Градските власти на Вухан, епицентарот на епидемијата со корона вирусот Covid-19, дозволија здравите граѓани да излезат од градот.

Карантинот во Вухан беше воведен на 23 јануари, а сега, еден месец подоцна, оние граѓани кај кои ќе биде утврдено дека немаат „треска, кашлица или астма“ ќе смеат да го напуштат градот.

Здравите жители на градот ќе може да заминуваат во различни термини и ќе треба задолжително да прават редовни проверки на здравствената состојба во текот на 14 дена, како и да се пријават во локалните здравствени служби во местото каде ќе пристигнат.

Уште има луѓе за кои карантинот не е укинат и тие ќе останат под надзор на здравствените служби.

Граѓани на Вухан кои останаа надвор од градот по воведувањето на карантинот сега ќе можат да се вратат назад, но само со пријава во одделението за епидемиологија од каде ќе треба да добијат потврда дека не се заразени со вирусот.

Од новиот корона вирус, според последните податоци, досега починаа 2.619 лица, а заразени се повеќе од 79.000.