Црвениот картон против Лече и пцовките кон главниот судија го чинат нашиот капитен неиграње на два важни натпревари како и дополнителна парична казна.
Горан Пандев нема да игра на големото градско дерби против Сампдорија (оваа сабота) како и на натпреварот на „Џузепе Меаца“ против Интер (21-ви).
Така реши дисциплинската комисија при Серија А поради исклучувањето на неделниот натпревар на гости кај Лече кога Пандев за само неколку минути собра два жолти картони. Првиот поради обид за глума на пенал, а вториот поради фаул.
Згора на тоа, Пандев по исклучувањето упати погрдни зборови кон главниот судија Џанлука Роки и сето тоа на крај му се врати.
Не само што Пандев нема да може да биде дел од фантастичната атмосфера на „Дерби дела Лантерна“ каде Џеноа и Сампдорија го играат едно од најживописните европски градски дербија, туку ќе паузира и наредниот викенд кога требаше да се врати во Милано и уште еднаш со громогласен аплауз да биде поздравен од навивачите на својот поранешен клуб Интер.
Со оглед на тоа што потоа во Серија А следува пауза, за Пандев оваа натпреварувачка 2019 година е завршена. Ќе може да се врати на зелениот терен тек на 5 јануари кога Џеноа го пречекува Сасуоло.