Останати спортови
НХЛ 2019/20

Овечкин влезе во легендите, го постигна голот број 700

24. февруари 2020 - 14:30 | Ф.З.

Викендов рускиот хокеар дојде до неверојатно достигнување откако го прослави седумстотиот гол во НХЛ, сите во дресот на Вашингтон Капиталс.

Со голот постигнат против Њу Џерси Девилс во натпревар на гости кој неговиот Вашингтон го загуби со 3:2, Русинот Алекс Овечкин влезе во историјата на американско-канадската хокеарска лига.

Домашните навивачи, иако постигна гол за израмнување на 2:2 против нивниот тим, станаа на нозе и со громогласен аплауз го отпоздравија 34-годишното крило кое и без ова достигнување имаше бетонирано место во НХЛ историјата како еден од најдобрите играчи што се појавиле на мразот.

Овечкин стана само осмиот играч кој успеал во кариерата да дојде до оваа бројка, а втор кому тоа му успеало во најкраток временски интервал. Стигна до 700-тиот гол во натпреварот број 1.144, а недостижен е Вејн Грецки кому му требаа само 894 натпревари за да дојде до истата бројка на постигнати голови.

Алекс веќе 15-та сезона игра во НХЛ, со еден прекин во сезоната 2012/13 кога доцнеше почетокот поради локаутот и во меѓувреме се врати да игра во московски Динамо за да одржува форма.

Русинот наскоро и ќе напредува на вечната листа на најдобри голгетери во НХЛ бидејќи седмопласираниот Мајк Гартнер му бега само 8 голови. Лидер со 894 голови е легендарниот Вејн Грецки.

894 - Вејн Грецки
801 - Горди Хау
766 - Јаромир Јагр
741 - Брет Хал
731 - Марсел Дион
717 - Фил Еспозито
708 - Мајк Гартнер
700 - Александр Овечкин

Сите 700 голови на Овечкин: