Египетските власти уапсија камилар и уште едно лице кои наводно им помогнале на туристите од Данска кои објавија видео како се качуваат на врвот на Кеопсовата пирамида и имаат секс на едно од најпознатите археолошки откритија во Египет.
Видеото што го објави данската двојка по заминувањето од Египет стана вирално, но наиде на осуда и критики не само од властите, туку и од граѓаните во муслиманската земја.
Египетското Министерство за внатрешни работи соопшти дека уапсена е жена која им помогнала на туристите да воспостават контакт со камиларот кој нелегално ги однел до пирамидата ноќта на 29 ноември за сума еквивалентна на 200 евра.
Жената и камиларот треба наскоро да бидат изведени пред суд.
Во почетокот на месецов, 23-годишниот фотограф Андреас Хвид го објави спорното видео на YouTube, снимено на едно од седумте светски чуда. Девојката на видеото уште не е идентификувана.
Иако е најден авторот на видеото, не е познато дали египетските служби имаат поднесено обвиненија против двајцата туристи од Данска бидејќи тие заминале од Египет и сигурно не им се брза да се вратат на местото на злосторството.
„Ќе се држам подалеку од Египет, сигурно ризикувам да завршам во затвор ако се вратам таму“, изјави Хвид за данскиот таблоид Ekstra Bladet.