МК сцена

Општина Центар: Ќе има нов термин за настапот на Стив Аоки

4. јуни 2016 - 12:13 | Макфакс

Како што веќе јавноста е запознаена, заради лошите временски услови и невремето кое го зафати Скопје, настапот на Стив Аоки закажан за петокот вечерта мораше да биде откажан, но за истиот ќе биде закажан нов термин, соопштуваат од Општина Центар.

За жал, продукцијата на Стив Аоки и организаторите на настанот не беа во можост да го реализираат планираниот музички спекаткл и сценско шоу. Исто така, општина Центар не дозволи да се вознемируваат граѓаните до доцните часови, бидејќи поради дождот, настанот не можеше да почне пред 23 часот.

Сакаме да ја информираме јавноста дека, во договор со продукцијата, промотерите и организаторите, во првата следна прилика ќе биде закажан нов термин за одржување на истиот настан. Тој ќе се реализира без никаков дополнителен финансиски надомест од страна на организаторот, на што се сложија сите вклучени страни, велат од Општина Центар.

Стив Аоки и неговиот тим со нетрпение очекуваат да се вратат и настапат во Македонија. Општина Центар сака да им се заблагодари на граѓаните за разбирањето и поддршката.