Свет

Одржани тајни консултации за тоа кој ќе ја наследи Елизабета Втора

13. февруари 2018 - 17:43 | М.Д.

Земјите на Комонвелтот кои некогаш ја сочинуваа британската империја почнале тајни консултации околу тоа кој би можел да ја наследи кралицата Елизабета Втора, на чело на оваа организација, објави BBC.

Прашањето е многу чувствително, бидејќи улогата лидер на британското кралство, односно Комонвелтот, не се пренесува автоматски на принцот од Велс после смртта на кралицата.

Формирана е и висока група, со цел да се разгледаат прашањата околу управувањето со меѓународната организација на Комонвелтот.

Најавено е дека претставниците на државите генерално ќе ја разгледаат работата на Комонвелтот, но BBC дознава дека е најважно прашањето што ќе се случува кога кралицата, која во април полни 92 години, ќе почине.

Групата која била формирана ќе поднесе извештај до шефовите на државите и владата на Комонвелтот, чија седница ќе биде одржана во април и за која се смета дека ќе биде последна на која ќе присуствува Елизабета Втора.

Други извори тврдат дека за наследникот ќе се разговара дури на состанокот на шефови на државите и владата во април и тоа во делот зад затворени врати во палатата Виндзор.

Кралицата е на чело на Комонвелтот уште од 1953 година. Комонвелтот денеска е организација која има 53 држави членки.