Каролине Вознијацки замина во пензија уште во јануари по Австралија Опен, а планираше со ревијален натпревар против Серена Вилијамс да се прости од своите фанови. Но, поради пандемијата со коронавирусот овој натпревар мораше да биде одложен.
Таа на својот Twitter профил објави за одложувањето:
„Здраво на сите! На жалост морам да објавам дека мојот проштален натпревар против Серена Вилијамс е одложен. Безбедноста и здравјето на сите е многу важно! Ќе го презакажеме за некој друг датум и ќе ве известиме сите веднаш штом има потврда!“, напиша данската тенисерка од полско потекло.
Вознијацки објави и дека сите оние кои веќе набавиле влезници за натпреварот, со истите ќе можат да присуствуваат и на оној на новиот датум, односно ќе бидат важечки.
Каролине стана првата тенисерка од Скандинавија која дошла до водечката позиција на ВТА. Во 2018 го освои Австралија Опен, а во 2017 победи на финалниот ВТА турнир. Замина во пензија прерано, на 29 години. Родена е во Оденсе како дете на полските имигранти Пјотр и Ана Вожњацки, оригиналната верзија на нејзиното презиме.