Одбележан јубилејот 70 години Музеј на Град Скопје

Формиран е во 1949 година од страна на Градскиот народен одбор на Скопје како Народен музеј на градот. По катастрофалниот земјотрес во 1963 и санацијата на објектот на Железничката станица од 1968 до 1970 (проект на дипл. инж. арх. Светислав Петровиќ), Музејот на град Скопје се вселил во новите простории од адаптираната зграда. Сега се одбележа јубилејот 70 години од постоењето (1949-2019) и 50 години од користење на музејскиот објект Железничка станица (1970-2020).

Во првата изложбена сала преку видео проекција во 3-Д мапинг технологија беа претставени активности и настани за музејската работа во изминатите 70 години поделена на декади. Во втората сала е претставен дел од збирката на плакати за изложби од изминатиот период од работењето на музејот. Во третата е поставена изложба на која е претставен дел од најзначајните експонати од збирките на Музејот, уметнички дела и преглед на најзначајните настани како изложби, археолошки ископувања и истражувања, промоции и презентации.

Фото: Град Скопје