Од вкупниот број заболени од коронавирусот во земјава, 14 или 15 се здравствени работници, вклучувајќи ги и овие сега дијагностицирани во Скопје, информира министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тие, како што соопшти Филипче се во Кавадарци, Дебар, сега во Скопје и во Куманово.
Прашан во каква здравствена состојба се децата кои се дијагностицирани со вирусот и каде се лекуваат, министерот информира дека најмалото дете од Скопје е на домашно лекување, девојчето кое се лекува во одделението за инфективни болести во болницата во Штип и момчето од Дебар кое има 15 години, а сите се во добра состојба во смисла на тоа да е манифестацијата на болеста во лесна форма.
- Новороденчињата и предшколските деца може да се вакцинираат во редовен термин, а за школските деца вакцината може да се одложи два до три месеца. Тоа е стручно мислење на Комитетот за имунизација, рече министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање на редовната прес-конференција во Владата.
Во однос на опасноста од ширење на вирусот при учество на верски собири, Филипче повтори дека забраната за масовни собири од Владата важи за сите.
-Има важечка забрана за какви било масовни собири од страна на Владата. Никој не би требало да повикува ова да се прекршува без оглед на тоа кој е организаторот, истакна Филипче.