Живот

Обезбедете им правилна нега на кучињата во текот на зимата

16. јануари 2019 - 15:22 | К.З.

Иако во последните неколку дена температурите не се толку ниски како во почетокот на месецот, сепак зимата е далеку од завршена. Поради тоа, многу е важно на вашиот влакнест пријател да му обезбедите најдобра нега и да го заштитите од зимите и ниските температури.

Постојат голем број заблуди околу негата за кучиња во зима, како и нивните способности да преживеат во ладни услови. Не треба да ве зачудуваат советите кои ветеринарите секоја зима ги даваат на сопствениците на кучиња, бидејќи тие сакаат да укажат на начините на правилна грижа со цел да се заштитат домашните миленици.

Во продолжение, неколку заблуди кои можат да го комплицираат животот на кучињата, како и на нивните сопственици.

Крзното ги штити кучињата од ладно

Крзното го покрива скоро целото тело на кучето и претставува одличен термоизолациски материјал, но тоа не значи дека кај сите раси е подеднакво ефективно во заштитата од студ. Додека кај поларните кучиња како хаски, самојади и акити крзното врши огромна улога во одржувањето на температурата, кај расите со кратки влакна зимата може да предизвика големи потешкотии, па дури и борба за преживување. Доколку имате пес со кратко влакно, најдобро е да го опремите со облека дизајнирана за кучиња за да го заштитите од ниските температури.

За кучињата е безбедно да јадат снег

Во снегот и под него се кријат нечистотии, ѓубре, животински остатоци, хемикалии и уште огромен број работи кои не се безбедни за кучињата. Ако кучето внесе дел од нив, тие можат да му предизвикаат воспаленија, повраќање, дијареа, па дури и труење.

Кучињата можат да преживеат со помалку вода во зима

Поради тоа што кучињата не го регистрираат зимското време како нормална температура, почнуваат забрзано да дишат, исто како на лето. Забрзаното дишење предизвикува тие да изгубат дел од влажноста во устата, па затоа се препорачува и во зима кучето да има доволна количина на свежа вода за пиење во секој момент.

Изметот се раствора во снег

Многумина сметаат дека снегот предизвикува изметот на кучињата побрзо да се раствори, па затоа избегнуваат да го собираат откако кучето ќе изврши нужда. Но, се случува спротивното. Студот на снегот предизвикува да се забави процесот на биоразградување и тој останува на површина додека не се стопи снегот. Затоа, чистете го изметот зад вашето куче.

Во зима кучињата не фаќаат болви и крлежи

Ова е веројатно и најголемата заблуда од сите. Ладните температури и снегот можат да убијат голем дел од паразитските инсекти, но болвите и крлежите не се воопшто наивни. Болвите знаат навреме да се скријат во топлите предели од телото на кучето, додека крлежите можат да хибернираат и да чекаат на потоли денови. Посебно е опасно за кучето доколку го чувате дома, бидејќи тогаш има многу поголеми шанси дека ќе фати болви и крлежи.