Македонија

Новороденче најдено во парк во Топанско поле, се трага по мајката

15. мај 2019 - 14:23 | МИА
Скопје, 15 мај 2019 (МИА) – На Клиниката за детски болести вчера со возило на итна медицинска помош е донесено новородено бебе, најдено во скопската населба Топанско поле.

– Се работи за машко новородено, со родилна тежина 2.400 гр, згрижено е на одделот за неонатологија, неговата здравствена состојба е добра, преземени се сите неопходни мерки за вакви случаи, соопштија од Клиниката за детски болести.

Новороденчето го пронашол случаен минувач. Бебето било оставено во парк, без облека.

Полицијата работи на откривање на идентитетот на мајката и околностите во кои новороденчето било оставено во тревата веднаш по раѓањето.