Концепти
НАПРЕДНИ АВТОМОБИЛСКИ ТЕХНОЛОГИИ

Nissan го претстави новиот систем 4x4 за електрични возила

14. јануари 2020 - 15:30 | А.С.

Јапонската автомобилска компанија Nissan на саемот Consumer Electronics Show (CES) во Лас Вегас го претстави новиот концепт Ariya Concept, а работи и на кросовер со целосно електричен погон.

Овој концепт веќе беше прикажан на автосалонот Tokyo Motor Show кон крајот на октомври и Nissan тогаш рече дека овој електричен кросовер со два мотора може да се пофали со моќно забрзување, надграден со технологија за помош при возењето ProPILOT 2.0 од најновата генерација и целосно нова дизајнерска линија на брендот.

Nissan со концептот Ariya најавува нова ера и ново поглавје во философијата на создавање напредни возила.

Сега Nissan соопшти дека Ariya Concept содржи нова технологија, наречена е-4ORCE за управување на системот за погон на сите четири тркала со два електромотора, по еден за секоја осовина.

Оваа технологија овозможува истовремен вртежен момент на сите четири тркала со што се постигнува врамнотежена, предвидлива моќност и управување на ниво на многу премиум спортски автомобили.

„Технологијата e-4ORCE со два мотора за управување на сите тркала нуди прецизно управување и стабилност, што на возачите им дава поголема самодоверба и уште повеќе возбуда отколку досега“, изјави Такао Асами, потпретседател на одделението за истражување и напреден инженеринг во Nissan.

„Оваа технологија овозможува исклучителни перформанси во кривини и погон на лизгави површини, како и удобно возење за сите патници.“

Оваа нова технологија е производ на лекции научени во развојот на системот за одвојување на вртежниот момент ATTESA E-TS на Nissan GT-R и интелигентниот 4x4 систем на теренецот Patrol.

Технологијата e-4ORCE може да се примени на различни типови на возила, вклучувајќи SUV, седан и хечбек.

Се очекува сериското производство на Nissan Ariya да почне во 2021 година.