Фудбал

Несудена фудбалска ѕвезда: Се предозирав и бев лут што сум жив

14. септември 2018 - 17:43 | М.Д.

Гледајќи ги игрите на Марвин Сордел пред десеттина години, ретко кој можеше да каже дека овој играч нема да стане голема фудбалска ѕвезда.

На 20 години беше стандарден член на младата англиска репрезентација, играше на Олимписките игри и настапуваше во Премиер лигата, меѓутоа, за него фудбалот никогаш не беше на прво место.

„Бев толку празен. Луѓето ми зборуваа и мислеа дека ќе бидам во ред. Играв на Олимписките игри и на Европското првенство до 21 година, како и во Премиер лигата кога имав само 21 година, и тоа за добра плата. Но, немав такво чувство“, вели Сордел, кој денеска има 27 години и настапува за третолигашот Буртон Албион.

Поголемиот дел од својата кариера го помина во борба со депресијата, а пред неколку години се обиде да си го одземе животот.

„Во една прилика се предозирав со таблети. Ги земав сите можни таблети кои ги најдов и отидов да спијам. За среќа, не ми успеа. Кога се разбудив бев шокиран и лут. Некои луѓе кои го пробале истото и притоа преживеале обид за самоубиство, потоа велат дека тоа им е како ново раѓање. За мене тоа не беше така. Се прашував што ќе правам сега. Еден ден потоа отидов во теретана, а на никого не му кажав ништо. За прв пат сите ме разбраа дури кога им ја испратив својата прва книга. Само мојата сопруга знаеше дека имам проблеми, но се додека не ја прочита книгата, не знаеше колку всушност тоа беше страшно“, вели Сордел.

Според неговите зборови, тој тврди дека пишувањето на автобиографија му го спасило животот.

„Се додека не започнав да пишувам книга, имав проблеми во изразувањето на емоциите. Се чувствував мртов од внатре долго време и пишувањето ми ги ослободи емоциите. Не знам како ќе завршев ако не почнев да пишувам. Веројатно повеќе немаше да играм фудбал. Сега е поинаку, се чувствувам послободно“, заклучува Сордел.

Тој вкупно одигра 17 натпревари во Премиер лигата, а поголемиот дел од кариерата го помина во втората англиска лига, каде постигна 39 погодоци во 191 натпревар.