Нашиот репрезентативен напаѓач е импресиониран од првиот гол кој Јувентус го постигна против неговиот Удинезе синоќа во италијанскиот куп.
Илија Несторовски го одигра целиот натпревар на „Алијанц“ стадионот во Торино каде неговиот тим беше торпедиран со 4:0 од „Старата дама“.
„Игравме против Јувентус, а сакавме да поминеме во наредната фаза. Но, налетавме на тим составен од шампиони кои се пресилни и заслужија да продолжат понатаму“, изјави Иле по натпреварот.
Популарниот НестоГол е импресиониран од голот кој Гонсало Игуаин го постигна за водство од 1:0 по само 16 минути игра.
„Нивниот прв гол личише како оние постигнати на PlayStation, направија само два или три допири на топката. Но, елиминацијата исто така е и наша вина, дури и повеќе отколку што беше нивна заслуга“.
Следен предизвик за Удинезе е Милан против кого играат в недела од 12.30 часот и тоа на „Меаца“.
„Ова беше куп натпревар, сега треба да се насочиме кон тој против Милан. Ќе отидеме во Милано во потрага по бодови“, е оптимист Несторовски.