Свет

Напаѓачот од Крајстчерч призна вина по сите точки за убиство и тероризам

26. март 2020 - 11:03 | МИА/КАЈГАНА

Брентон Тарант, кој изврши напад во две џамии во Крајстчерч на Нов Зеланд, за време на сослушувањето во Врховниот суд, преку видеоврска ја призна вината по 51 обвинение за убиство, 40 обиди за убиство, и едно обвинение за тероризам.

„Тој ќе биде осуден за секое кривично дело што го сторил. Признанието на вината е значаен чекор во изрекувањето на казната“, рече судијата Камерон Мандер, претседател на судскиот совет.

Тарант е во притвор од 15 март 2019 година, кога беше уапсен и обвинет за пукање од полуавтоматско оружје кон муслимани собрани за молитва во две џамии во Крајстчерч, а злосторството го пренесуваше во живо преку Facebook.

Со признанието на Тарант нема да биде потребна понатамошната судска постапка што требаше да започне во јуни, а Судскиот совет ќе продолжи да носи пресуди за вкупно 92 точки од обвинението.

Судот не соопшти кога ќе биде донесена пресудата, но притворот на Тарент е продолжен до 1 мај.

„Целата нација, но особено муслиманската заедница, се поштедени од судење што би можело да послужи како пропагандна платформа за злосторникот“, изјави премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, која претходно вети дека никогаш нема да го изговори името на убиецот во јавност.