Фудбал
1.МФЛ 2019/20

Најдобриот тим на 20. коло во Првата фудбалска лига

26. февруари 2020 - 10:51 | Ф.З.

Го одбравме тимот составен од единаесетте играчи кои оставија најдобар впечаток изминатово 20. коло во македонската Прва лига.

За изборот да биде што померодавен, направен е со здружени сили од неколку медиуми кои го следат македонското првенство. Покрај ние како Кајгана, во изборот учествуваат и веб-страниците MacedonianFootball.com и Transfermarkt.de како најмеродавни за нашата лига, како и Twitter профилите MacedonianFootyMacedonianFoot и FrMacedonien кои будно твитаат за случувања во фудбалска Македонија. За дизајнот е задолжена платформата Footbla.

За изминатово коло ја одбравме формацијата 4-3-2-1 која најмногу одговара на играчите кои ги издвоивме.

На голманската позиција се решивме за Дамјан Шишковски од Работнички. И покрај тоа што прими гол, а имаше такви кои не примија, сепак, за разлика од нив, Дамјан имаше неколку добри одбрани, а голот го прими од пенал кој малку фалеше и да го одбрани.

Во одбраната почнуваме со Фисник Зука од Ренова како лев бек, до него на централните позиции се двајца интернационални, Украинецот Јевхениј Новак од Вардар и Србинот Срѓан Драшковиќ од Силекс, а десно е Ване Јованов од Академија Пандев.

Во средниот ред се: мозокот на Работнички, Драган Стојков, неуморниот Али Адем од Вардар и моторот на Ренова, Косоварот Алуш Гавазај.

Во офанзивата, по крилните позиции се одлучивме за Петар Петковски од Работнички и водечкиот голгетер во лигата, Даниел Аврамовски од Вардар кој по којзнае кој пат му донесе 3 бода на својот клуб. Како најистурен, четврти играч на дебармаалци, напаѓачот Давид Тошевски кој со два гола го реши Шкупи.

Епитетот тренер на колото оди кај српскиот стратег Ратко Достаниќ со кој Работнички игра како препороден.

Се согласувате со нашиот избор? Мислите некаде погрешивме? Оставете ни коментар.