Надал помага во чистењето по поплавите на Мајорка

Шпанскиот тенисерски ас Рафаел Надал вчера им помагаше на мештаните на шпанскиот остров Мајорка чии имоти беа уништени од големото невреме што го зафати регионот.

Надал со гумени чизми, и лопата во рака, работеше рамо до рамо со останатите кои се вклучија во расчистувањето. Очигледно, повредата која не му дозволи да настапи во Шангај, не беше пречка Надал да се приклучи на погодените од поплавите на Мајорка.

Најмалку девет лица загинаа во поројните дождови и поплави на Мајорка, соопшти шпанската Служба за вонредни ситуации. Меѓу жртвите има двајца британски државјани. Најмалку 12 лица се уште се водат за исчезнати по поројните дождови.

Според властите, интензитетот на врнежите бил 220 литри на метар квадратен.

Во областа се испратени 80 војници и техника кои треба да им помогнат на локалните жители и властите. Училиштата се затворени во три населби. Стотици луѓе се засолнети во спортски објекти и на локалниот хиподром.