Живот

На 112 години почина Читецу Ватанабе, најстариот маж во светот

25. февруари 2020 - 14:54 | Б.С.Б.

Најстариот маж во светот, Јапонецот Читецу Ватанабе, кој зборуваше дека тајната на долговечноста е во смеењето, почина на 112 години.

Ватанабе на 12 февруари прими сертификат од Гинисовата книга на рекорди, кога беше фотографиран со широка насмевка и подигната тупаница. Веста за неговата смрт е потврдена од таа организација, но не е наведена причината за смртта. Тој е роден на 5 март 1907 година во Ниигата, Јапонија.

Ватанабе не можеше да јаде во последно време, а неколку дена пред смртта имал грозница  и тешкотии со дишењето, пренесува AP. Тој почина во неделата, на 23 февруари, неколку дена пред 113 роденден, пренесува CNN.

Зад себе Ватанабе остави пет деца, 12 внуци, 16 правнуци и едно пра-правнуче. Роден е во префектурата Ниигата на северот во Јапонија во 1907 година, а на Тајван работел 18 години. По враќањето во Ниигата работел во министерство за земјоделие сè до пензионирањето.

Гинисовата книга на рекорди во Јапонија испрати сочувство на семејството на починатиот Јапонец. Најстариот жив човек во светот исто така е од Јапонија, станува збор за 117-годишната Кане Танака.