Ракомет
ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

МРТ нема повеќе да пренесува гостински натпревари на РК Вардар од ЛШ

4. февруари 2020 - 18:51 | Ф.З.

Македонската радиотелевизија е жртва на трети страни кои ги имаат правата за ракометната Лига на шампиони.

Вардарци утре се среќаваат со Кил од 19 часот, а македонската публика повторно ќе се снаоѓа со стримови преку интернет, освен оние кои имаат Арена Спорт.

Денеска од спортската редакција на МРТ излегоа со соопштение дека им е одземено правото да ги емитуваат гостинските натпревари на македонската ракометна гордост почнувајќи од утрешната пресметка со Кил.

„Во продолжение од сезоната во ракометната Лига на шампиони, Македонската радиотелевизија ќе ги пренесува САМО ДОМАШНИТЕ натпревари на Вардар“, почнува соопштението од МРТ.

„Носителот којшто ги отстапува ТВ правата за Македонија, под притисок на ТВ операторот којшто е дистрибутер на неговата програма, во име на неговиот „ексклузивитет“, ги промени правилата на игра. Тоа се одразува врз содржините коишто МРТ ги емитува од ракометната Лига на шампиони, италијанското и француското фудбалско првенство, како и од НХЛ“.

„Со минимален број преноси, МРТ не е и не може да биде никаква објективна закана ниту за ТВ операторот, ниту за странскиот ТВ канал којшто го реемитува, а на неговата програма има содржини од ракометната Лига на шампиони. Сепак, иако најдиректно е засегната од нерешените специфични релации меѓу два други субјекта со коишто интересите делумно и се испреплетуваат, не сакајќи да ја заострува соработката којашто ја има за повеќе други спортски настани, МРТ нема да бранува. Напротив, издејствува да добие целосен ТВ ексклузивитет на натпреварите на Вардар во „Јане Сандански“ салата“.

Тоа значи дека претстојните натпревари Вардар - Мотор на 15-ти месецов и Вардар - Монпелје на 29-ти ќе можат да се гледаат единствено на МРТ.

Затоа пак натпреварите Кил - Вардар на 5-ти и Порто - Вардар на 22-ри ќе бидат емитувани само на Арена Спорт.