Култура

МНТ ќе ги рефундира купените билети за откажаните претстави

11. март 2020 - 14:30 | А.С.

НУ Македонски народен театар ја информира јавноста дека ќе изврши рефундирање на купените билети за претставите кои се откажани согласно новите препораки и мерки за заштита од корона вирусот.

„Ве информираме дека средствата за билетите што ги имате купено на билетарницата на МНТ ќе ви бидат вратени по 13 март 2020 г. на билетарницата. Доколку билетите сте ги купиле онлајн, тогаш ве молиме на info@mnt.mk пратете го бројот на нарачката, датумот и саатницата кога е иницирано плаќањето и средствата ќе ви бидат рефундирани по електронски пат“, информираат од МНТ.

Работното време на билетарницата од 11 до 24 март 2020 година ќе биде од 10:00 до 15:00 часот.

Претходно, МНТ извести дека ги откажува сите настани и претстави кои беа закажани во следниот период, заклучно со 24 март 2020 година.

„Согласно новонастанатата ситуација во нашата земја и согласно најновата препорака од Владата на Република Северна Македонија која беше донесена на 10 март 2020 година, а истата се однесува за одложување на јавните собири и настани, се дискутираше и за новите засилени мерки за заштита на населението, како и превенција од понатамошно ширење на вирусот. Македонскиот народен театар ја информира јавноста дека повторно ги пролонгира/откажува сите настани и претстави кои беа закажани во следниот период, заклучно со 24 март 2020 година.

За продолжување на редовната репертоарска програма дополнително ќе ја информираме јавноста“, гласи соопштението на МНТ.