Кошарка
НБА 2019/20

Милвоки го преслуша и бранителот Торонто

26. февруари 2020 - 9:36 | Ф.З.

Апсолутниот лидер во НБА славеше и на гостувањето кај актуелниот шампион Торонто забележувајќи ја 50-тата победа сезонава.

Тимот на Милвоки Бакс сезонава е убедливо најдобар тим во најквалитетната кошаркарска лига на светот. Тоа го потврди и ноќеска откако го победи минатогодишниот шампион Торонто и тоа на негов терен во „Скошабенк“ арената во престолнината на Онтарио.

Пресудна беше третата четвртина која Бакс ја добија со 15 поени разлика. Крис Мидлтон кај гостите и Паскал Сјакам кај домаќините постигнаа по 22 поена, додека Јанис Адетокунбо забележа 18 поени и дури 17 скокови.

Милвоки останува прв на Истокот со скор од 50-8, додека веднаш зад нив со 42-16 е токму Торонто. Во генералниот пласман, помеѓу нив е лидерот на Западот, Лос Анџелес Лејкерс со 44-12, кој ноќеска триумфираше над Њу Орлеанс.

Резултати:
Индијана Пејсерс - Шарлот Хорнетс 119:80
Торонто Репторс - Милвоки Бакс 97:108
Чикаго Булс - Оклахома Сити Тандер 122:124
Денвер Нагетс - Детроит Пистонс 115:98
Лос Анџелес Лејкерс - Њу Орлеанс Пеликанс 118:109
Портланд Треил Блејзерс - Бостон Селтикс 106:118
Голден Стејт Вориорс - Сакраменто Кингс 94:112