Фудбал

Меси: Пред 5 години за малку ќе си заминев од Барса

9. октомври 2019 - 20:43 | Ф.З.

Лео Меси откри дека поради случајот со затајување данок бил разочаран од Шпанија и поради тоа за малку не го напуштил каталонскиот гигант.

Во 2014 година Меси и неговиот татко беа обвинети за затајување на данок од страна на шпанскиот суд. Наводно користел земји како Белис и Уругвај за да ја сокрие заработката, со што ја оштетил Шпанија за 4,1 милион евра од 2007 до 2009 година.

Судот пресуди дека Меси е виновен и му изрече затворска казна од 21 месец плус пларична казна од 2 милиона евра. Во јули 2017 затворската казна беше преиначена во парична со износ од 252 илјади евра.

Неговиот татко Хорхе доби 15 месеци затвор и 1 и пол милиони евра, а подоцна затворската казна му беше намалена.

„Во тој период сакав да си заминам. Не да ја напуштам Барселона, туку да ја напуштам Шпанија. Се чувствував дека кон мене не се однесуваа добро и не сакав повеќе да седам таму“, рече Меси за RAC1.

„Многу клубови ја држеа отворена вратата за мене, но никогаш немаше официјална понуда бидејќи сите знаеја за желбата која ја имав да играм за Барселона. Но, огорченоста беше поголема од она што го чувствував за клубот“.

„Имаше периоди кога едноставно бев преморен од сѐ, се случи во неколку наврати, особено во 2013 и 2014 со проблемот поради данокот. Беше тежок период за мене и за моето семејство, а луѓето немаа поим низ што сѐ не поминував“

Меси веќе две години е прв капитен на тимот од Блаугарана и инсистира дека сака кариерата да ја заврши во Барса.

„Нормално дека ќе останам, доколку ме сакаат. Јас сум среќен тука и мојот план е да останам. Од сегашна гледна точка јасно е дека ќе ја завршам кариерата тука. Тоа го сака и моето семејство. Сите знаат што чувствувам за овој клуб и за овој град“.

Една од главните причини поради кои Меси сака да остане во Барса е тоа што неговите деца се навикнати на животот во каталонската престолнина.

„Не сакам да им ги менувам пријателствата на моите деца, ниту пак нивната социјална средина. Не би сакал да го направам тоа. Доживеав такво нешто и не сакам и тие да го искусат“, вели Меси.

Но, Лео има дамнешна неостварена желба, да игра за Њуел'с Олд Бојс во родната Аргентина. Клубот во кој ја почна кариерата, но никогаш не стигна до сениорскиот тим бидејќи Барса го донесе како младинец.

„Од мал сонував за такво нешто, еден ден да играм во аргентинската лига. Таму сѐ е поинаку, и доброто и лошото. Но, некогаш треба повеќе да се мисли на фамилијата отколку на сопствените желби“.