Фудбал

Меси без помпа донираше милион евра за борба против коронавирусот

25. март 2020 - 9:32 | А.С.

Лионел Меси е голем фудбалер и повторно покажа дека е и голем човек.

Ѕвездата на Барса донираше 1 милион евра за борба против коронавирусот. Донацијата ја подели на клиника во Барселона која е центар за лечење на болеста Covid-19 во Каталонија и установи за борба против пандемијата во родната Аргентина.

Според многумина најдобриот фудбалер на светот не соопшти јавно дека ја дал донацијата, туку за неа се дозна откако клиниката во Барселона преку Twitter му се заблагодари: „Лео Меси ни донираше средства за борба против COVID-19. Фала ти многу Лео, за посветеноста и поддршката.“

Од клиниката додаваат дека донацијата ќе биде искористена за „истражување, помош на пациентите и згрижување на семејствата на заразените согласно приоритетите“. Исто така истакнаа дека „како и секогаш, инсистираме на транспарентност и на донаторите детално ќе им покажеме на што сме ги потрошиле донациите и какви резултати сме постигнале“.

Ова не е прв случај Меси да даде сериозна донација за медицинска установа. Тој е најголемиот донатор на Одделението за педијатрија во болницата Sant Joan de Deu во Барселона. Преку неговиот проект тој им помага на многу деца заболени од рак кои се лекуваат таму.

Пеп Гвардиола исто така донираше 1 милион евра за набавка на медицинска опрема за помош на граѓаните на Шпанија за време на пандемијата.

Тренерот на Манчестер Сити ги уплатил парите на сметка на една каталонска фондација која потоа ќе купи заштитна опрема како маски, очила, ракавици... Набавените материјали ќе бидат дистрибуирани низ цела Каталонија. Пред да се приклучи поранешниот тренер на Барса во акцијата за донации, беа собрани само 33.000 евра.