Наука

Маск објави нови фотографии од прототипот на ракетата што ќе ги однесе луѓето на Марс

19. септември 2019 - 17:11 | Б.С.Б.

Пред една година постоеја малку докази кои индицираа дека SpaceX гради масивен вселенски брод кој ќе може да патува до други планети. Но, во изминатите 12 месеци компанијата на Елон Маск агресивно покажува дека има сериозни намери да ја постигне таа цел, пишува CNN.

Развојот на бродот е во тек, а еден прототип засега успешно е тестиран. SpaceX е подготвен на помоќни тестирања на возилото кое ќе може да лета во орбитата на Земјата.

Во последните неколку дена Елон Маск објави неколку фотографии од новиот прототип што сe гради во Бока Чика, Tексас. Фотографиите се објавени пред презентацијата на Mаск закажана за 28 септември, кога се очекува да открие повеќе детали за плановите за патување во вселенaта.

Првиот прототип Starhopper успешно ги помина тестирањата за контролирано слетување, важна задача ако Starship еден ден слета на Марс, како што Маск се надева. Прототипот успешно го мина финалното тестирање минатиот месец кога изврши прецизно слетување откако достигна висина од 150 метри во воздух. Новиот прототип ќе биде надграден, а тестирањето се очекува да биде во октомври. Компанијата ќе го испрати леталото во орбитата на Земјата.

Крајната цел на Маск е да испрати луѓе на Марс.