Вести

Летот во вселената делува на луѓето како болест

29. август 2017 - 11:02 | А.С.

Руски и канадски научници тврдат дека летањето во вселената и бестежинската состојба делуваат на човечкото тело како болест.

За време на нивното истражување тие заклучиле дека во бестежинска состојба имунолошкиот систем на луѓето се однесува како со болест, бидејќи човечкото тело не знае што треба да прави, па ги вклучува сите системи за заштита.

Во извештајот од истражувањето објавен во научното списание „Nature scientific reports“ тие велат дека влијанието на летовите во вселената врз човечкото тело се испитуваат активно од средината на 20. век.

Летањето во вселената влијае на метаболизмот, терморегулацијата, биоритамот на срцето, работата на мускулите, респираторниот систем и другите телесни функции.

Протеините се супстанци што играат главна улога во процесите на прилагодување на телото на одредени услови, па научниците конкретно обрнале внимание на нив.

За да ги истражат подетално ефектите од бестежинската состојба на физиологијата на човекот, научниците ја анализирале концентрацијата на 125 протеини во крвната плазма на 18 космонаути од Русија кои долго време се наоѓале во Меѓународната вселенска станица.

Космонаутите биле тестирани 30 дена пред летот, а потоа и веднаш по враќањето на Земјата и седум дена по враќањето.

Испитаните протеини се биомаркери што се користат за откривање на неинфективни болести кај луѓето.

Резултатите покажале дека се променила концентрацијата на протеини што учествуваат во регулацијата на вродениот имунитет, па телото реагира на летот во вселената како на болест на молекуларно ниво.