МК сцена

Легијата го промовира новиот албум - „Легијата на проколнатите“

7. мај 2016 - 10:15 | Kајгана/Макфакс

Осум години по првиот албум, „Лош ден за империјата”, хип хоп колективот Легијата го најавува нивното второ официјално издание. Насловено како „Легијата на Проколнатите”, воедно и име кое беше и официјално користено во почетоците на творењето на оваа групација, има за цел да ги спои љубителите на оригиналниот хип хоп звук од сите генерации одеднаш. 

Како и секогаш во издание на издавачката куќа Suriken records, овој пат поддржано од проектот „Даб за музика”, промоцијата на албумот е закажана на сабота на добро познатата локација во фоајето на Кино Фросина во склоп на Младинскиот културен центар во Скопје со почеток од 20 часот. Влезот е слободен и добредојден е секој, велат од Легијата.

Легијата кани на целовечерна забава проследена со музички DJ сет од веќе реномираниот DJ Славе, официјално преслушување на албумот и интерактивно дружење со членовите на колективот.

Албумот е снимен во период од 2014-2016 година во студиото на Suriken records, содржи 18 песни, вклучувајќи ги и веќе добро познатите два сингла „1Л” и „Волку кошта”, како и синглот од најновото видео „Нема втора шанса”. Како продуцент во поголем дел на албумот се јавува Ненад Стефановски-Foolish Green со ко-продукција на Владимир Џокиќ-Да Џака Накот, како и продукции од Антонио Аранѓеловиќ-Tonyo San, Гоце Наумовски и Гоце Трпков-ДЈ Гоце(САФ). 

Легијата најавува и заокружување на оваа 2016 година со голем целовечерен концерт при крајот на годината во Скопје, а следува и летна турнеја низ Македонија.

Слушнете ја најновата песна и видео од Легијата, „Нема втора шанса”: 

Loading the player...