Коосновачот на WhatsApp Брајан Ектон се придружи на се поголемиот број на луѓе, кои после новиот скандал со неовластено користење на податоци повикуваат на бришење на профилите на Facebook.
Твитот на Ектон со хаштаг #DeleteFacebook привлече посебно внимание во медиумите поради фактот дека неговата апликација за допишување, WhatsApp, од пред четири години е во сопственост на Facebook, кој таа аквизиција ја плати неверојатни 19 милијарди долари.
Исто така, интересно е тоа што ова е само втор твит на Ектон во последните две години.
Инаку, Ектон го напушти Facebook во септември минатата година, а неодамна најави дека ќе вложи 50 милиони долари во понатамошен развој на апликација за безбедна размена на пораки.
Facebook се соочува со бројни обвиненија за злоупотреба на лични податоци, а најново е дека оваа компанија ќе мора да плати 369.400 долари казна на јужнокорејски телекомуникациски регулатор, кој го казни Facebook поради кршење на законот за комуникации.