Фудбал
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Конте: Против Барса треба да дадеме повеќе од сѐ од себе

10. декември 2019 - 13:33 | Ф.З.

Ден Д за Интер и Антонио Конте вечерва против моќната Барселона. Победа сигурно ги носи во осминафиналето, но таа победа треба да се извојува против еден од фаворитите за титулата.

„Треба да излеземе на терен и да дадеме сѐ од себе, всушност и повеќе од сѐ имајќи го в предвид фактот што против тим како Барселона сѐ можеби нема да е доволно. Тие имаат екипа од 20-22 играчи, сите многу добри. Каталонскиот тим е еден од најдобрите на светот, секоја година цел им е да ги освојат сите натпреварувања. Ни доаѓаат со доза на смиреност бидејќи си го осигураа првото место што не значи дека е предност за нас бидејќи ќе играат без притисок, ќе бидат послободни“, рече тренерот на Интер.

За вечерашниот натпревар се продадени 72 илјади влезници не сметајќи ги оние кои им се доделени на гостинските навивачи. Интер ќе има огромна поддршка на „Џузепе Меаца“ за која Конте смета дека може да биде пресудна.

„Мораме да влеземе со храброст и ентузијазам. Пласманот во осминафиналето би бил успех за сите. Сигурен сум дека целиот стадион ќе ни помогне создавајќи позитивна енергија која и тоа како ќе ни биде потребна за сите заедно да ја минеме оваа огромна пречка. Мораме тоа да го направиме сите заедно, без разлика на проблемите кои ги имаме во составот. Проблемите нѐ прават посилни, нѐ возвишуваат. Важно е да играме со ладна глава“.

На првиот натпревар во каталонската престолнина Интер водеше, но потоа лесно прими два гола и го загуби натпреварот.

„Поминаа два месеца од тогаш, а тимот се надгради на разни начини. Како тогаш, така и сега, ќе се обидеме да го подготвиме натпреварот така што ќе ги истакнеме нашите предности. Излишно е да мислиме дека дриблинзите на играчите на Барса нема да ни претставуваат проблеми и затоа потребно е да бидеме компактни, храбри при пресингот и одлични во поседот на топка така што ние би им направиле проблеми“.

Конте вечерва нема да може да смета на Стефано Сенси, Роберто Гаљардини, Алексис Санчес, Николо Барела и Куаџоу Асамоа.