Авто новости

Колку брзо треба да возите со кабриолет на дожд и да останете суви?

10. мај 2019 - 14:56 | А.С.

Ова прашање си го има поставено секој човек кој некогаш поседувал кабриолет автомобил, и тоа не само еднаш. Но, ретко кој го знае одговорот.

За да се разбере оваа проблематика, доволно е да се познаваат основите на механика на флуиди, односно во овој случај, на аеродинамика.

Екипата на Drivetribe тоа го објаснува на наједноставен начин во кратко видео во кое ги разјаснува основните закони на механиката на флуиди.

Пред сѐ, треба да се знае дека постојат два типа на струење – ламинарно и турбулентно.

Воздухот во ламинарниот слој е бавен и со низок притисок, а во турбулентната сотојба се движи брзо и притисоците се високи.

Слојот на воздух што е во контакт со површината на автомобилот е граничниот слој, а точката на раздвојување е највисокиот дел на автомобилското предно стакло (шофершајбната). Во таа точка доаѓа до одвојување на дел од струењето што станува турбулентно.

Заклучокот се наметнува сам по себе и вели дека обликот на струење ќе зависи од брзината но и од аголот под кој се наоѓа шофершајбната.

Колку е поголем аголот, побрзо ќе се генерира турбулентното струење. На пример, кај автомобили Mazda MX5 или BMW Z4, доволно е да се вози со брзина од 72 км/ч за да останете суви.

На аеродинамични облици како силуетата на Ferrari, треба да се вози побрзо. Токму затоа, некои модели на Mercedes имаат воздушни дефлектори што влијаат на струењето на воздухот.