Филм & ТВ

Кејт Бланшет ќе го води жирито на Филмскиот фестивал во Венеција

16. јануари 2020 - 18:00 | А.С.

Актерката Кејт Бланшет ќе биде претседател на жирито на Филмскиот фестивал во Венеција во септември, со што ќе стане третата жена во четири години која го водела жирито на фестивалот кој се соочи со критики дека нема застапено доволно жени режисери во програмата.

Ланското жири во Венеција го водепе Лукреција Мартел, а Анет Бенинг беше претседател на жирито во 2017 година.

„Кејт Бланшет не е само икона на современиот филм која во изминатите 20 години ја бараат најдобрите режисери во светот и на која ѝ се восхитуваат обожаватели на филмот од сите жанрови. Нејзината посветеност како на уметничко, така и на хуманитарно поле и на заштитата на животната средина, како и нејзиното заземање за еманципација на жените во филмската индустрија која уште бара начини да се справи со машките предрасуди, ја прават да биде инспирација за општеството како целина. Нејзиниот непресушен талент како актерка, во комбинација со нејзината интелигенција и искрена страст за филмот, се идеалните квалитети на еден претседател на жирито“, рече директорот на фестивалот, Алберто Барбера.

„Секоја година со нетрпение ја очекувам селекцијата во Венеција ис екоја година е изненадувачка и исклучителна. Фестивалот во Венеција е еден од најрасноврсните на светот – го слави филмот како медиум кој е провокативен и инспиративен, во сите негови форми. Задоволстволство ми е и привилегија што сум претседател на годинашното жири“, изјави Бланшет.

Таа досега била претседател на жирито на 71. Кански филмски фестивал во 2018 година.

Бланшет има добиено Оскари за улогите во „The Aviator“ (2004) и „Blue Jasmine“ (2013), а беше номинирана за „Elizabeth“ (1998), „Notes on a Scandal“ (2006), „Elizabeth: The Golden Age“ (2007), „I’m Not There“ (2007) и за „Carol“ (2015). Таа е ко-основач и претседател, во партнерство со Ендру Аптон, на продуцентската компанија Dirty Films.

77. издание на Филмскиот фестивал во Венеција ќе се одржи од 2 до 12 септември.