Свет

Каталонските сепаратисти подготвуваат масовни протести пред Ел Класико

10. декември 2019 - 15:00 | МИА

Каталонската платформа „Демократско цунами“ денеска ги повика приврзаниците за независност на Каталонија на масовен осумдневен протест пред стадионот „Камп Ноу“, каде ќе се игра најголемото шпанско фудбалско дерби меѓу Барселона и Реал Мадрид.

Во соопштението, „Демократско цунами“ нагласува дека повеќе од 18.000 луѓе веќе го потврдиле своето учество преку социјалните мрежи. Платформата ги покани демонстрантите на четири места околу стадионот во 16 часот, само четири часа пред да започне натпреварот, што може да го блокира пристапот на гледачите до арената. Не откри дополнителни детали за најавената акција.

„Во исклучителна ситуација, мора да дејствувате исклучително. Затоа, ние свикуваме масовен митинг на 18 декември околу „Камп Ноу“ стадионот“, се вели во соопштението на „Демократско цунами“.

Во октомври, Демократско цунами собра 25.000 демонстранти на меѓународниот аеродром „Ел Прат“, каде се судрија со полицијата додека се обидоа да го блокираат аеродромот и да го прекинат воздушниот сообраќај.

Ел Класико требаше да се игра на 26 октомври, но тогаш заради масовните собири во Барселона, од безбедносни причини беше одложен за декември.