Авто новости

Како се прави совршената машина Ferrari SF90 Stradale?

26. февруари 2020 - 13:00 | А.С.

Моделот Ferrari SF90 Stradale претставува значајно поглавје во приказната на Ferrari. Ова е прв плаг-ин хибрид на италијанската компанија, но и најмоќното Ferrari со дозвола за возење на улици и патишта досега.

Сега производителот објави видео во кое покажува како се создава оваа совршена машина. Видеото е прилично драматично, благодарение на ефективниот саундтрак и отсуството на нарација. Ги покажува сите фази на производниот процес, но без вербални објаснувања за тоа што гледаме.

Во фабриката на Ferrari во Маранело, луѓето и машините работат заедно за да создадат еден автомобил. Моторите се склопуваат рачно. Работниците секој дел го испитуваат до детали и рачно ги довршуваат со фини турпии. Луѓето и роботите работат во тимови за фарбањето на автомобилите.

Видеото исто така нуди можност да видиме каков е дизајнерскиот процес на Ferrari – тоа е микс од традиционални модели од глина и дигитални рендели во виртуелна реалност.

Со 1.000 коњски сили, ова навистина е најмоќното Ferrari во историјата.

Најзаслужен за тоа е 4.0-литарскиот V8 турбо мотор со максимален вртежен момент од 800 Nm и моќност од 780 кс. Само со ова веќе зборуваме за најмоќниот болид на Ferrari досега. Кога ќе ги додадеме и трите електромотори, еден назад и два напред, тие ги дават дополнителните 22 кс.

На приказната се надоврзува осмостепениот менувач. Од 0 до 100 км/ч забрзува за 2,5 секунди, а до 200 км/ч за 6,7 секунди. Максималната брзина е 340 км/ч. Ова Ferrari на струја ќе вози до 25 километри со максимална брзина од 135 км/ч. Тоа не е лошо за батерија со капацитет од 7,9 kWh.

Цената за овој модел уште не е позната, но најоптимистичните проценки велат дека ќе станува збор за сума од околу 800.000 евра.