Свет

Како Кодоњо преку ноќ стана град на духови поради корона вирусот?

23. февруари 2020 - 14:54 | А.С.

Првиот случај на корона вирусот Covid-19 во Италија беше забележан во Кодоњо, гратче југоисточно од Милано. Пациентот е 38-годишен маж кој се заразил по средба со пријател кој бил во посета на Кина. Неговата состојба е стабилна.

Италијанските власти изолираа неколку области во Ломбардија и Венето кои се индустрискиот центар на Италија и заедно сочинуваат 30% од БДП на земјата.

Кодоњо спаѓа во нив. Таму се забранети сите јавни настани, затворени се училиштата и ограничено е движењето на населението само за најнеопходни работи. За влегување и излегување од гратчето е потребна посебна дозвола, а луѓето од страв не излегуваат од своите домови, што го направи Кодоњо град на духови.

Ниту влегување, ниту излегување од градот не се дозволени без посебна дозвола. Сите јавни собири, спортски настани и други настани се забранети за една недела.

Бројот на заразени во Италија се искачи над 100, а две лица починаа. Светската здравствена организација соопшти дека во Европа, Италија има најголем број заразени. Во Германија има 16 случаи, во Франција 12 (од кои еден пациент почина) и три случаи во Велика Британија.