Свет

Иранската гарда и официјално прогласена за терористичка организација во САД

15. април 2019 - 16:45 | МИА
Вашингтон, 15 април 2019 (МИА) – САД и официјално ја прогласија Иранската револуционерна гарда за странска терористичка организација, се наведува во соопштението објавено во американскиот Сојузен регистар.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела најави дека ќе направи таков симболичен потег кој е без преседан, што веднаш наиде на осуда од Иран и предизвика загриженост дека ќе бидат нападнати американските сили поради одмазда.

Исламската револуционерна гарда ги контролира иранските балистички ракети и нуклеарната програма. Исто така има влијание врз банкарскиот и бродоградителскиот сектор.

Новата одлука за прогласување на Гардата за терористичка организација ќе го олесни процесуирањето на компании или лица во Европска унија кои соработуваат со Иран.

Американскиот закон веќе ги казнува граѓаните на САД кои соработуваат со Исламска револуционерна гарда дури со 20 години затвор бидејќи организацијата се наоѓа на американската специјална листа на глобални терористи, на кои се применува поинаков начин на санкционирање.