Фудбал
СЕРИЈА А 2019/20

Интер со кинески дресови ќе ја слави Годината на стаорецот

22. јануари 2020 - 15:11 | Ф.З.

На натпреварот в недела против Каљари на „Меаца“ играчите на Интер ќе истрчаат во дресови на кои нивните имиња имиња ќе бидат напишани со кинески карактери во чест на Кинеската Нова година.

Во сабота на 25 јануари е Кнеската Нова година, позната и како Лунарна Нова година или пак Празникот на пролетта. По тој повод во Интер одлучија да изготват специјални дресови и да се вклучат во прославата, слично како што направија и минатата сезона на натпреварот со Болоња.

Имињата на сите фудбалери кои ќе се најдат во тимот за овој натпревар, без разлика дали во првите 11 или на клупата, на дресовите ќе бидат напишани со кинески карактери. На тој начин Интер сака да им направи чест на илјадниците свои фанови кои ги има во Кина.

Она што е новитет овој пат е тоа што на бројките на дресовите со светло сина боја е испишан знакот 福 (Фу) кој претствува порака за среќа. Истиот е испишан во неколку различни калиграфии.

Пред натпреварот, присутните на „Меаца“, кој патем е 90% распродаден, ќе уживаат во шоу со змејови што во кинеската култура се верува дека носи среќа. Нормално, змејовите ќе видат обоени со црно и сино.

Не е првпат кинеските карактери да се појават на дресовите на Интер. Неколку пати спонзорот Pirelli беше испишан на кинески, а тоа првпат се случи во 2006 против Киево. Потоа се повтори во 2007 против Ливорно, 2008 против Каљари, како и за Суперкупот 2009 кој се играше во Пекинг.

Во сабота завршува Годината на свињата и почнува Годината на стаорецот, а Интер го пречекува Каљари в недела од 20.30 часот.