Вести

Иднината сега: Пилот леташе во костим со џет-пек како Ајронмен

18. февруари 2020 - 15:26 | А.С.

Човештвото е на чекор до реализирање на една децениска замисла -  вистински костим за летање со џет-пек како оној што го носеше Ајронмен.

Тимот инженери на Jetman Dubai изработија костим со џет-пек и велат дека постигнале огромно достигнување во оваа сфера – пилот полета од земјата и потоа продолжи да лета на голема висина.

Подвигот беше остварен минатиот петок кога пилотот Винс Рефет полета од стоечка позиција на пистата на Skydive Dubai во Обединетите Арапски Емирати и потоа леташе на висина од речиси 1,9 километри. Тој исто така покажа дека со скафандерот може да лебди, да застане, да сврти и да маневрира.

Во претходните тестирања на Jetman, пилотите полетуваа од подигнати платформи, како хелиодроми, но овојпат пилотот полета од земја.

Летајќи со просечна брзина од речиси 241,4 км/ч, Рефет постигна висина од 1.000 метри за 30 секунди. Тој успеа да изврши маневрирање со свртување во воздух со скафандерот на млазен погон.

Неговиот лет траеше околу три минути, а потоа тој го отвори падобранот на височина од 1.500 метри и безбедно слета на земјата.

„Многу сме среќни што успеавме да го изведеме ова“, изјави рефет.

„Ова е резултат на исклучително тешка тимска работа во која секој мал чекор резултираше со огромни резултати. Сѐ беше испланирано до делче од секундата и пресреќен сум од постигнатиот напредок. Ова е уште еден чекор во долгорочниот проект. Една од нашите следни цели е да изведеме слетување директно од лет, без да има потреба од отворање падобран. Веќе се работи на тоа“, рече тој.

Костимот изработен од карбонски влакна го напојуваат четири мини млазни мотори. Рафет изведе најмалку 50 подготвителни пробни летови пред овој и имаше над 100 пробни полетувања и слетувања закачен на кабел, со поставен систем за ублажување на евентуалниот пад, како мерка на претпазливост.