Ракомет
СУПЕРЛИГА 2019/20

И РФМ ги прекина домашните натпреварувања

12. март 2020 - 18:32 | Ф.З.

По кошарката и фудбалот, во Македонија во наредниот период нема да се игра ниту ракомет откако и РФМ ги прифати препораките од Владата.

Со соопштение на својата веб-страница РФМ објави дека се придружува кон апелот на Владата сѐ со цел превенција од евентуалното ширење на корона вирусот.

„Почитувани,

Ве известуваме дека раководството на Ракометната федерација на Македонија донесе одлука за прекин во период од 14 дена на националното ракометно првенство во Супер и Прва машка ракометна лига како и натпреварите од женската ракометна лига.

Одлуката е донесена по последните препораки и забрани од страна на Министерството за здравство за превенција од вирусот COVID–19, како и препораките на Светската здравствена организација за заштита на здравјето и безбедноста, кои опфаќаат забрана на сите јавни и приватни собири, без разлика на обемот и бројката на учесници – концерти, театри, кина, спортски сали, теретани.  

Дополнително согласно препораките и забраните од Владата на Република Северна Македонија за превенција од вирусот COVID–19, Ракометната федерација на Македонија донесе претходно одлука со која сите натпревари во младите категории се одложуваат во период од 14 дена.

Со почит,

Ракометна федерација на Македонија“.

Во најквалитетната ракометна лига по 17 одиграни кола води Металург со 44 бодови, еден повеќе од Охрид. Треба да се одигра уште само едно коло за да заврши регуларниот дел и потоа во плеј-офот да се приклучат и Вардар и Пелистер.