Фудбал

Хлеб: Меси и Роналдо може да дојдат во Белорусија, тука се игра фудбал

24. март 2020 - 15:17 | А.С.

Белорусија е единствената земја на Стариот континент каде уште се игра фудбал.

Во сите други земји сите натпреварувања се суспендирани на неодредено време поради пандемијата на Covid-19 што не ја заобиколи ни оваа источноевропска земја.

Легендата на белорускиот фудбал и поранешен играч на Арсенал и Барселона, Алјаксандр Хлеб, саркастично укажа на оваа состојба.

„Цел свет сега гледа натпревари од белоруската лига. Сите се покрај телевизор и нѐ гледаат нас. Кога НХЛ ги суспендираше натпреварувањата, многу хокеари заминаа да играат во Русија. Можеби Лионел Меси и Кристијано Роналдо би можеле да дојдат во Белорусија. Ова е единствената земја во Европа каде можете да играте фудбал. Белорусите би биле пресреќни“, рече Хлеб, нагласувајќи дека Лигата на шампиони и Лига Европа се запрени за да се спасат животи, а во Белорусија „немаат абер“.

Претседателот на Белорусија рече дека лигата ќе се игра сѐ додека коронавирусот е под контрола. Досега е одиграно едно коло, а второто е на програмата викендов.