Филм & ТВ

Харви Вајнстин е позитивен на коронавирус

23. март 2020 - 9:11 | А.С.

Поранешниот холивудски продуцент и осуден сексуален престапник Харви Вајнстин бил тестиран за коронавирус во затвор и резултатите се позитивни.

Тој е ставен во изолација, соопшти Мајкл Пауерс, претседател на Здружението на затворски работници на Њујорк.

Посрамениот филмски могул минатиот месец беше прогласен за виновен по обвиненија за силување и сексуален напад и доби затворска казна од 23 години.

Неговите адвокати ветија дека ќе приложат жалба.

Вајнстин е затворен во Wende Correctional Facility во Бафало, Њујорк. Двајца затвореници таму претходно биле тестирани за коронавирус и биле позитивни. Пауерс додаде дека во карантин се ставени и неколкумина затворски работници.

Еден од адвокатите на Вајнстин рече дека не биле информирани за дијагностицираниот коронавирус кај нивниот клиент.

„Имајќи ја предвид здравствената состојба на господин Вајнстин, секако дека сме загрижени и будно ја следиме ситуацијата“, рече адвокатот Имран Ансари.

Вајнстин беше прогласен за виновен за извршување сексуален напад од трет степен врз Миријам Хејли, продукциска асистентка, во 2006 година и за силување од трет степен врз актерката Џесика Ман во 2013 година.