Фудбал

Хари Кејн го пропушта ЕУРО?

17. јануари 2020 - 10:38 | Ф.З.

Најпрочуениот англиски доктор е песимист кога е во прашање навременото опоравување на голгетерот.

Англија може да игра на ЕУРО 2020 без својот најдобар играч. Така барем смета ортопедот Крис Вилсон кој важи за најдобар во својата струка на Островот и има лечено еден куп спортисти од исти повреди.

„Очекувам да поминат 6 месеци пред да се врати на терен. Има различни мислења бидејќи се работи за несекојдневна процедура и поради тоа некои хирурзи ќе дадат поинаква прогноза која вели побрзо опоравување“, вели д-р Вилсон.

Хари Кејн беше опериран во саботата поради пукањето во тетивата на левата нога.

„Доколку операцијата минала добро, првите шест недели ќе му треба медицинска нега и ќе смее да мрда многу малку. Шест до 12 недели, под претпоставка се сѐ е во ред, ќе може да прави основни вежби за истегнување. После третиот месец би почнал нормална рехабилитација на тетивата каква што се прави кога се работи за мускулна повреда“, е мислењето на докторот.

„Кога се работи за фудбалер од светска класа би сакал да ставам дознаење дека нивните очекувања се преголеми и не би очекувал нормално играње тек шест месеци по операцијата. Свесен сум за случајот на Кејн, сите очекуваат враќање некаде април или мај, но јас од такво нешто би бил многу изненаден“.

Кејн досега важеше за медицинско чудо бидејќи секогаш многу порано се враќал од повредите. Д-р Вилсон, кој е хирург на клубовите Кардиф и Свонси и воедно има оперирано еден куп спортисти, сепак не е оптимист.

„Постои голем ризик од повторување на истата повреда. Кога се опоравува тетива, спортистот мора да знае дека постои голем ризик од повторно пукање. Тоа се случува кога се прави прерано враќање на терен. Такво нешто едноставно не смее да се превиди“.

Но, Кејн трерба да ја предводи Англија на Европското првенство кое почнува на 12 јуни.

„Повеќето хирурзи велат дека треба три месеци пред да се почне со нормално трчање и тренинг. Јас велам, заборавете на играње пред шест месеци без разлика колку добро се чувтсвувате“.

„Можеби е медицинско чуди, но јас ќе бидам екстремно изненаден доколку се врати на терен пред да поминат 6 месеци“, заврши прочуениот доктор.