Фит

Грешки кои ги прават почетниците во теретана

16. мај 2018 - 18:47 | М.Д.

Секој почеток е тежок и никој не очекува дека од првото одење во теретана ќе научите се околу вежбањето, па во прилог прочитајте за грешките кои најчесто ги прават сите почетници.

1. Погрешна програма за вежбање

Сте прочитале одлична програма за вежбање на интернет и се одлучувате да ја следите. Сепак, треба да се знае дека сите програми за вежбање не се наменети за почетници, ниту пак за секој организам. Затоа подобро е уште од почеток да се консултирате со вашите тренери.

2. Претерување

Најголема грешка која ја прават многу почетници е тоа што сакаат се наеднаш. Многу е важно да не се претерува, посебно не ако сте почетник. Наместо тоа направете план за вежбање и следете го. Слушајте го своето тело и немојте да заборавате да се одмарате. Погрижете се за тоа и добро да се наспиете.

3. Се споредуваат со други

Нови сте во теретана, гледате многу нови лица и ви се чини дека сите гледаат во вас. Проблемот е во вас и вашата несигурност, а останатите се грижат само за себе и своето вежбање. Обидете се да се опуштите и концентрирајте се на целта поради која сте во теретана и која треба да ја постигнете. Исто така, никогаш не се споредувајте со други, секој си има свое темпо и своја програма.

4. Го прескокнуваат загревањето

Исклучително е важно добро да се загреете пред секој тренинг. Сите вежби за сила бараат добро загревање и подготовка за да се намали ризикот од повреди, но и да се зголемат ефектите од самиот тренинг.

5. Не пијат доволно вода

Додека тренирате се потите и губите течности од телото. За да ја надополните загубата, важно е да пиете многу вода. Затоа секогаш носете си доволно вода кога ќе одите во теретана.

6. „Немаат време“

Проблемот е во тоа што повеќето почетници не се доследни и не ја следат програмата по правилен редослед, па затоа и не гледаат резултати и тоа ги демотивира. Најчест изговор за избегнување на тренинг е недостатокот на време. Бидете искрени кон себеси и бидете сигурни дека успехот не доаѓа преку ноќ.

7. Не јадат доволно

Многу е важно да одржувате балансирана исхрана и да внесувате дневна доза на витамини и минерали. Правилното внесување на хранливи материи во организмот е клучно за успешен тренинг и резултати.