Се подигнува монтажна болница со капацитет до 130 болнички кревети до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со оваа болница клиниката се штити од преоптовареност, а даваме можност на медицинскиот персонал соодветно да ги распореди сопствените ресурси во борбата за превенција и заштита на населението од коронавирус, објави на Facebook министерот за здравство, Венко Филипче.
Деновиве се спроведе вистинска акција со големи човечки напори и одлична меѓуинституционална соработка. Голема благодарност до сите што учествуваа во овој процес!
Со помош на Армијата и нејзината механизација, екипите на ЈП „Улици и патишта“ и инженерите од Проектната единица при Министерството за здравство во рекорден рок го подготвија теренот и овозможија пристап до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за брзо справување со коронавирусот, напиша министерот, објавувајќи фотографии од местото каде ќе биде сместена монтажната болница.
„Добро е што имаме линеарно зголемување на случаите - приближно ист број секој ден, а не експоненцијално, но ние сме подготвени да прифатиме и да третираме пациенти, дури и да има ваков раст“, смета Филипче.
На почетокот и во текот на следната недела се очекува поставување на т.н мобилна болница, на просторот до Клиниката за инфективни болести. Тука ќе бидат поставени објекти во кои ќе се сместат близу 130 кревети, со што капацитетот на Клиниката за инфективни болести практично се дуплира - со соодветни тоалети, суви ходници, со коишто ќе се комуницира со самата клиника.
Во изминатите 24 часа се регистрирани 18 нови случаи на коронавирус во земјата. По градови: Скопје 11, Прилеп 4, Куманово 2, Тетово 1. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани изнесува 219 лица.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 41 пациент. Од нив, седум се во потешка здравствена состојба, но тие се респираторно независни, не им е потребна помош од респиратор, односно интубација, механичка вентилација, додека 27 се средно тешки пациенти, и седум пациенти се со поблаги симптоми.