„Ако се одземат последните две трки, комплетно потфрлив изминатава полусезона“, вели Германецот кој заостанува зад водечкиот Хамилтон речиси сто поени.
Четирикратниот првак Себастијан Фетел е тотално разочаран од она што го извозе во првата половина од годинашнава сезона во Формула 1. Иако шестпати се искачи на подиумот ниту еднаш не беше прв, а во Велика Британија заврши дури на 16-тото место.
„Последните две трки ги извозев нешто подобро, но на останатите се мачев. Факт е дека ние од Ферари не сме онаму каде што сакаме да бидеме. Ако ја погледнете табелата, ако ја гледавте трката во Унгарија, лесно ќе воочите дека не сме константни“, вели Фетел.
Во генералниот пласман Германецот е четврти со 156 поени, дури 94 помалку од лидерот Луис Хамилтон. Неговиот Ферари е втор, но заостанува цели 150 поени зад Мерцедес.
„Средуваме некои ситници, работиме напорно, но проблемите кои ги имаме едноставно не се решаваат преку ноќ. Клучот е да останеме со ладни глави, да си ги изврпшуваме задачите и да дадеме сѐ од себе“.
До крајот на сезоната остануваат уште девет трки од кои првата е Белгиското ГП на први септември.