Останати спортови

Ентони Џошуа во самоизолација бидејќи се сретна со принцот Чарлс

26. март 2020 - 10:23 | А.С.

Боксерскиот првак во тешка категорија Ентони Џошуа се наоѓа во самоизолација откако се сретна со британскиот принц Чарлс кој е позитивен на новиот коронавирус.

Веста ја потврди менаџерот на британскиот боксер и додаде дека Џошуа се чувствува добро и нема симптоми на вирусот.

Џошуа се сретна со престолонаследникот на британската монархија на 9 март, на свеченост за одбележување на Денот на Комонвелтот.

Џошуа тогаш се сретна и со кралицата Елизабета Втора, премиерот Борис Џонсон и други спортски и естрадни ѕвезди.

Светскиот првак требаше на 20 јуни да се соочи со бугарскиот боксер Кубрат Пулев на стадионот на Тотенхем во Лондон, но сега е неизвесно дали борбата ќе се одржи.

Во Велика Британија досега се регистрирани над 8.000 заболени од Covid-19, а починати се 435 лица.