Мотори

Електричниот Harley-Davidson не ги исполни очекувањата

10. октомври 2019 - 17:33 | А.С.

Импресивниот електричен мотор LiveWire Harley-Davidson не ги исполни големите очекувања на славниот американски производител.

Harley како главна цел на моделот LiveWire го постави привлекувањето на нова класа купувачи – млади луѓе кои инаку не купуваат мотори какви што прави HD.

Меѓутоа, истражување на Reuters спроведено во САД покажа дека луѓето кои купиле електричен Harley главно се постари луѓе, моторџии кои веќе имаат класичен Harley-Davidson мотор во својот возен парк.

Како главна причина за овој неуспех се смета високата цена од 29.799 долари, што е сума со која може да се купи основниот модел на Tesla или речиси секој друг мотор на бензински погон.

LiveWire сам по себе е импресивен модел. Тежи 250 килограми, а благодарение на батериското пакување од 15,5 kWh располага со моќност од 105 коњски сили и автономија од 235 километри.

Моторот забрзува од 0 до 100 км/ч за 3 секунди, а од 100 до 129 км/ч за 1,9 секунди.

Со оглед на тоа дека планот за привлекување на млади, нови купувачи не успеа, како и фактот дека традиционалните муштерии на Harley-Davidson се сѐ постари и престануваат со возење или веќе не купуваат нови мотори, јасно е дека HD се стави во многу неповолна ситуација.

Harley не откриваат колку нарачки добиле за LiveWire, но аналитичарите предвидуваат дека ќе се продадат меѓу 400 и 1.600 примероци во првата година, што е помалку од 1% од бројот на мотори што компанијата ги продава годишно, што лани изнесуваше 228.051.