Филм & ТВ
МЕДЕНА ЗЕМЈА НА ОСКАРИ

Екипата на „Медена земја“ рамо до рамо со холивудската елита на Оскаровскиот ручек

28. јануари 2020 - 13:45 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Екипата на документарецот „Медена земја“ присуствуваше на  традиционалниот Оскаровски ручек кој за сите номинирани го организира Американската филмска академија.

Режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут и продуцентот и монтажер на филмот Атанас Георгиев застанаа рамо до рамо со холивудската елита во пресрет на 92-то доделување на наградите Оскар, во Театарот Долби во Лос Анџелес.

„Медена земја“ се запиша во македонската кинематографска и оскаровската историја со номинации во две категории – за Најдобар документарец и Најдобар странски филм.

Холивудските ѕвезди веќе одушевено зборуваат за „Медена земја“ и го препорачуваат на своите обожаватели, како актерките Сара Џесика Паркер и Џејми Ли Кертис.

На Оскаровскиот ручек во Лос Анџелес, екипата на „Медена земја“ се дружеше со видни имиња од светот на филмот: Квентин Тарантино, Бред Пит, Ал Пачино, Роберт де Ниро... а на заедничката фотографија со сите номинирани за годинашните Оскари, Котевска позираше меѓу Леонардо Дикаприо и Грета Гервиг. Тамара носеше креација на македонската дизајнерка Тања Кокев, која ќе ја дотера екипата и за свеченото доделување на наградите.

„Колку многу научивме за снимањето филмови од овие ветерани, и еве сме, стоиме рамо до рамо до нив, сфаќајќи што е тоа што ги прави бесмртни легенди: тие се обични смртници кои се родени како сонувачи и ќе умрат како сонувачи. Чест ни е“ - изјави Тамара Котевска.

Оскарите се доделуваат во 25 категории, а 92. издание на оваа престижна свеченост ќе се одржи на 10 февруари, 2020 година.

Фото: Facebook страницата на Honeyland