Музика

Ед Ширан се повлекува од музичката сцена

29. август 2019 - 9:41 | М.С.

Познатиот британски музичар Ед Ширан објави дека „се пензионира“ на само 28-годишна возраст, откако заработи милиони.

Авторот на најпознатите песни во светот, кој се најде на 17-то место на листата на најбогати музичари во Велика Британија, им порача на фановите дека турнејата „Divide“ е негова последна. После неа ќе се повлече, за да може да помине повеќе време со сопругата Чери Сиборн, со која е во врска уште од средно училиште.

Понесен од емоциите, тој ја сподели веста со фановите на сцената за време на настапот во паркот „Чантри“ во Ипсвич.

„Како што знаете, повеќе од две години сум на турнеја и ова е последниот ден од неа. Јас сум навистина среќен што сте тука во Ипсвич. Ова e последната свирка за наредните 18 месеци. Се забавувавме низ целиот свет, во Америка, Нов Зеланд, Австралија, Азија и Јужна Америка, ова беше лудо патување“, рече Ед.

На неговата турнеја „Divide“ имаа можност да уживаат 9 милиони луѓе ширум светот, што ја прави најголемата турнеја досега, пишуваат британските медиуми.