Општина Илинден на 14, 15 и 16 мај годинава ќе ги реализира традиционалните Денови на културата, во чии рамки во Домот на култура „Илинден“ ќе се одржи јубилејната 25-та Литературна манифестација „Илинден 2024“, а во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Новина оваа година во програмата на Деновите на култура е прикажување на кино проекција на игран филм. За љубителите на филмот, на 14 мај со почеток во 19:00 часот, во кино салата на Дом на култура „Илинден“ ќе се прикажува играниот филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ
На 15 мај ќе се одржи, Трибина: „Современа македонска литература и нејзината перцепција, читањето, критиката, медиумите“, со учество на еминентни писатели и литературни критичари, потоа креативна работилница „Гатанките, поговорките и пословиците во македонската литература за деца“ со учество на писатели на ДПМ и ученици од основните општински училишта од Општина Илинден, како и традиционалното Литературно матине за деца ,,Пролетно поетско будење на Илинден“ со учество на повеќемина истакнати македонски писатели за деца и млади. По повод Меѓународната литературна манифестација Општина Илинден распиша литературен награден конкурс на тема „Татковина“ за учениците од општинските основни училишта, при што на Литературното матине за деца ќе бидат прочитани и наградените песни, а на учениците ќе им бидат доделени пригодни награди. Дел од манифестацијата е ликовна изложба на ликовниот уметник Владимир Темков, како и културно уметничката програма со настап на АМПИ „Илинден“, КУД „Гоце Маркоски“ како и музички настап на ученици од Општина Илинден.
Централен настан на манифестацијата што се реализира во соработка со Друштвото на писателите на Македонија е поетска вечер „Интимно соѕвездие“ посветена на современата македонска љубовна поезија што ќе се одржи на 16 мај (четврток) со почеток во 19:00 часот, на кој ќе настапат повеќемина реномирани македонски поети. Новина оваа вечер ќе биде промоцијата на посебно издание-книга со текстовите на учениците од минатата година, како и музички настап на Trinity Strings.