Култура

„Дебармаалски серенади 2020“ посветени на виното и љубовта

13. февруари 2020 - 8:20 | МИА

Дебармаалски серенади посветени на виното и љубовта ќе се одржат денеска и утре по 18-ти пат во организација на Здружението за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ од Скопје.

Како што соопштија од Здружението „Гороцвет“, „Дебармаалските серенади“ денеска ќе почнат од 17 часот кога ќе се крши „дебармаалска погача“ со песна, музика и вино кај пекарата „Силбо“. Потоа серенадите ќе продолжат по улицата „Костурски херои“ и поливање со вода, цвеќиња, бонбони и паричка.

Серенадите ќе продолжат по улицата „Дебарца“ кон кафеаната „Антика“, каде ќе се пее и наздравува со бело и црвено вино. Во кафеаната „Идадија М“ ќе има изложба насловена „Цвеќе на љубовта“ со греана ракија.

Потоа во кафеаните „Скопски мерак“ и „Дебармаало“ покрај серенади и поезија ќе се одржи и „беседа за виното и љубовта“. Завршниот дел е во слаткарницата „Апче“ каде со серенади и поезија се засладуваат со торта и боза учесниците на 18-те „Дебармаалски серенади“.

Закројување на лоза и пуштање порака за мир и љубов во реката Вардар од мостот кај „Жабарот“ ќе се одржи утре од 9 до 11 часот со ученици од ОУ „Гоце Делчев“.

Учесници на „Дебармаалските серенади 2020“ се „Велешки Чалгии“, Милка Ефтимова, Виолета Томовска, Горан Алачки, Љупчо Ангелов, актер и гитарист, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Ристо Краповски, Атина Апостолова, Круме Спасовски, Вики Среброва, Хорот „Серенада“, Валентина Ѓоргиевска - Парго, Моника Стојанова, Тања Стоилковска, Драгица Пандиловска, Илко Димитриевски, Лидија Јеремиќ - Лучко, Горан Анчевски, Јовче Петковски, Емил Чинго.